Историско европско злато, светски топ 3 ранг и повеќе од 120 медали, годината на Даниела Алексовска ја одбележа македонската спортска сцена
Даниела Алексовска, едно од најперспективните имиња во македонскиот спорт, заслужено ја доби титулата „Млада спортистка за 2025 година“, признание кое доаѓа како круна на една исклучителна сезона исполнета со историски успеси и меѓународни признанија.
Во текот на 2025 година, Алексовска ја воодушеви спортската јавност со својот настап на Европското ММА првенство, каде што го освои златниот медал и стана првата македонска европска шампионка во ММА. Овој подвиг претставува значаен момент не само во нејзината кариера, туку и во историјата на македонскиот боречки спорт.

Само неколку недели подоцна, светската ранг-листа на Интернационалната ММА Федерација ја позиционираше на третото место во светот во нејзината категорија.
Нејзината спортска приказна, сепак, не започнува и не завршува со еден успех. Зад себе има повеќегодишна кариера во бразилска џиу џица, со над 120 освоени медали, од кои дури 93 златни, бројки што ретко се среќаваат и на многу поголеми спортски сцени.
Домашната публика ја имаше можноста да сведочи на нејзината доминација и на настанот ARMMADA 14, каде што забележа убедлива победа уште во првата рунда. Само неколку дена подоцна, Алексовска настапи на Светското ММА првенство во Тбилиси, Грузија, каде што се закити со бронзен медал, заокружувајќи ја сезоната со уште едно големо меѓународно признание.
Признанието „Млада спортистка на годината“ претставуваат потврда за нејзината посветеност, но и инспирација за новата генерација млади спортисти. Даниела Алексовска е доказ дека врвен спортист може да се изгради и во Македонија, со јасна визија, упорност и безрезервна љубов кон спортот.
На свечената манифестација присуствуваа најголемите имиња од македонската спортска сцена, меѓу кои и Ивица Алексовски, коj на средба со министерот за спорт, Борко Ристовски, и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, дискутираа за големиот пораст на ММА Спортот во Македонија, и за идните планови за 2026 година.


