Даниела Алексовска и Марко Трајановски доминираа пред домашната публика во Скопје!

Синоќа, на 14.09, Македонија беше сведок на најголемиот ММА спектакл – Арммадa 14! Во незаборавна атмосфера пред домашната публика, нашите борци испишаа ново поглавје во македонската ММА историја.

Двата македонски репрезентативци, Даниела Алексовска и Марко Трајановски, вечерта ја крунисаа со големи победи и покажаа дека Македонија има борци со кои може да се гордее!

Даниела Алексовска ја воодушеви арената со сензационална победа уште во првата рунда! Со маестрален арбар ја совлада својата противничка, Флацеа Алда од Молдавија, во последната минута од воведната рунда, Алексовска успеа да ја фати својата противничка во одличен зафат, од кој Алда немаше излез. Судијата немаше друг избор освен да ја прекине борбата и да ја додели победата на Алексовска.

Од другата страна Марко Трајановски се избори за својата прва полупрофесионална победа со убедлива судиска одлука против Петар Кликовац од Србија. По целосни 3 рунди во кои Трајановски успеа да ја контролира акцијата и да остане доминантен над српскиот претставник, судиите едногласно ја доделија заслужената победа за македонскиот борец.

Оваа победничка вечер не само што донесе радост и гордост на македонската публика, туку и го означи почетокот на уште поголеми предизвици. Даниела Алексовска веќе активно се подготвува за нејзиниот следен предизвик каде што повторно ќе има можност да ја претставува Македонија на највисоко ниво - Светското ММА Првенство во Тбилиси, Грузија, кое ќе се одржи на 27-ми септември.